Владата на денешната седница го усвои предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со што на граѓаните им се даваат нови можности за да обезбедат легализација на нивните дивоизградени објекти. Сите оние граѓани коишто претходно не успеале да поднесат барање за легализација на дивоградбите, а чии објекти се изградени заклучно со 3 март 2011 година, ќе можат во периодот од 1 јануари до 31 декември 2018 година да поднесат барање за легализација на нивните објекти.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска информираше и за уште една можност за граѓаните коишто не ја довршиле постапката за легализација. Сите оние што не ја комплетирале неопходната документација, вклучувајќи ги геодетските елаборати, ќе имаат нов рок од 1 јануари до 30 јуни 2018 година за да поднесат ново барање за легализација со комплетната документација. При спроведувањето на постапката за легализација на граѓаните ќе им бидат потребни идентичните документи како и досега.
Министерот Сугарески денеска ги објасни причините за ваквите законски измени. „Министерството за транспорт и врски по извршената теренска анализа и непосреден контакт со засегнатите странки утврди дека во Република Македонија до сега, процентот на легализирани дивоградби е на ниво од скромни 50%“ изјави министерот Горан Сугарески. Тој дополни дека обемната и сложена административна постапка довела до тоа граѓаните да не го остварат своето право за легализација на објектите во претходниот рок, којшто истече на 31 декември 2016 година.
За да нема дополнителни компликации, македонските општини во претстојниот период ќе треба да ги известат оние граѓани коишто не успеале да ја комплетираат постапката за легализација на објектите. „Единиците на локална самоуправа преземаат обврска во најкус можен рок да ги известат сите засегнати странки дека нивните претходни барања се невалидни, за да истите можат да го искористат новиот рок од 6 месеци и да поднесат ново барање со целосна документација“ посочува министерот Горан Сугарески. Измените во законот допрва ќе се најдат пред пратениците во македонското Собрание, каде што ќе се гласа за нивно усвојување.
Проектот за легализација на бесправно изградените објекти во земјава заглави во реализацијата цели шест години. Голем проблем се јави кон крајот на 2016 година, кога дури 15.000 барања за легализација останаа без изготвени геодетски елаборати. Овие граѓани имаа рок до 31 декември за да ја комплетираат документацијата, но геодетските фирми не успеаја да ги изработат сите елаборати одеднаш. Во дополнителниот рок за легализација на дивоградбите се поднесоа уште 80.000 барања од страна на граѓаните, коишто се најдоа во идентичниот правен вакуум. Од владата очекуваат дека со овие нови мерки ќе се надминат постоечките проблеми на граѓаните во однос на ова прашање.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk