Претходна статија
Во завршна фаза проширувањето на улицата Тодор Александров
Следна статија
Почна изградбата на црквата „Христос Спасителот“ во населбата Карпош 3

ФОТО ВЕСТ: Заврши втората фаза од изградбата на плоштадот „Скендербег“

Објавено на 29.08.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Чаир ја комплетираше реализацијата на втората фаза од изградбата на плоштадот „Скендербег“ во центарот на Скопје. Новиот плоштад го премостува булеварот „Гоце Делчев“, оформувајќи јавен простор со површина од околу 8.000 метри квадратни. Во средиштето на јавниот простор е поставена инсталација, чиј облик го следи дизајнот на новиот објект на Македонската филхармонија. Инсталацијата е прекриена во бела боја, градејќи незначителна врска со објектот на Македонската опера и балет.

Просторот под плоштадот е осветлен и е оспособен за движење на возила, пешаци и велосипеди, додека од страничните страни на плоштадот се изведени пристапи за велосипеди, два ескалатора и лифт. Скалишниот простор се спушта кон стоковната куќа „Мост“, Старата скопска чаршија и споменикот на Скендербег. Пред некогашната стоковна куќа „Илинден“ е поставен споменикот „Скендербег“, чијшто нов постамент е издигнат неколку метри повисоко во однос на претходниот постамент.

Пред обележјето на оваа значајна личност за албанскиот народ е оформен втор помал плоштад. Централно место во овој јавен простор заземаат мозаиците со мотиви од неколку албански тврдини, но и со мотиви од старо Скопје. Меѓу нив, сигурно најголемо внимание ќе предизвика муралниот мозаик налик на оној што го краси Националниот историски музеј во Тирана. На скопската верзија се наоѓаат знамето на Албанија, Мајка Тереза, Скендербег, албанските партизани и преродбеници, но и други ликови од албанската историја. На околниот простор е поставена урбана опрема и осветлување.

Изградбата на плоштадот „Скендербег“ чинеше над 11 милиони евра. Овој проект беше составен дел од проектот „Скопје 2014“, во кој како инвеститор се јавија македонската влада и општина Чаир. Градежните работи на терен ги изведуваше скопската фирма „Бауер БГ“. Целокупната површина на плоштадот треба да опфати 22.000 метри квадратни, но третата фаза од проектот треба допрва да се изведува.

Во последната фаза од реализацијата на плоштадот „Скендербег“ треба да се изведе подземен паркинг на две нивоа со капацитет од 400 возила. Засега нема информации за тоа кога би почнала изградбата на овој паркинг.

 

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk