Претходна статија
МЕПСО ќе ја рехабилитира електропреносната мрежа со кредит од 40,5 милиони евра
Следна статија
Започна изградбата на спомен паркот на Никола Карев во Свиланово

Градоначалникот Коце Трајановски си даде отчет за сработеното, но не и за она што не е

Објавено на 22.08.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Скопскиот трамвај, подземната сообраќајница „Јужен булевар“, тунелот под плоштадот „Македонија“, депонијата „Дрисла“, Панорамското тркало и „барокните“ фасади. Сите овие капитални проекти на Градот Скопје, дел од нив реализирани и со средства од претходната влада, не се најдоа во отчетот на скопскиот градоначалник Коце Трајановски. На денешната прес-конференција, организирана во просториите на Град Скопје, првиот човек на градот даде отчет за тоа што го сработил во изминативе четири години, но не и за сите оние проекти што останаа нереализирани.

 

 

Иако беше еден од главните адути на последните избори, скопскиот трамвај не се реализираше од постојното раководство на Град Скопје. Последниот повик за пронаоѓање приватен партнер за изградба на трамвајот беше поништен во март 2015 година, а градските власти веќе наредната година изјавија дека проблемите со јавниот превоз ќе ги решавале со купување „автобуси што ќе личат на трамвај“. Во отчетот на скопскиот градоначалник не е спомената ниту депонијата „Дрисла“, која во изминативе четири години мина низ неколку постапки на избор и за поништување на концесионерскиот договор за нејзин развој.

 

 

Градот Скопје во мај 2014 година објави дека подземната сообраќајница под плоштадот „Македонија“ ќе чека подобри времиња. Иако беше означен како најзначаен инфраструктурен проект за Скопје, тендерската постапка беше прекината поради превисоките понуди за изградба на тунелот. Хронично доцни и изградбата на Јужниот булевар, за кој со турски „Лимак“ се потпиша договор за изведба на подземната сообраќајница уште во 2012 година. Во сите овие пет години се успеа да се стигне единствено до избор на проектантско биро за изработка на основниот проект.

 

 

Конечно, скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска не спомена ниту збор за изградбата на Панорамското тркало, во кое како официјален инвеститор се јавува ЈСП-Скопје. Постоечкото градско раководство не се кажа ниту збор за уништувањето на фасадите на десетици модернистички зданија во центарот на Скопје, меѓу кои централно место зема стоковната куќа „На-Ма“ на плоштадот „Македонија“. Иако оригиналните автори беа строго против нивното рефасадирање, Градот Скопје со средства од претходната влада го промени изгледот на овие објекти во склад со „барокниот“ сон од проектот „Скопје 2014“.

 

 

Наспроти изоставањето на овие елементи од работењето на Градот Скопје, градоначалникот Коце Трајановски денеска зборуваше за изградба на кружни текови, реконструкција на булевари, проширување на улици, изведба на нови велосипедски патеки и цела низа на други проекти, кои би можеле да се опишат и како тековни активности на градската власт. „Во насока на намалување на сообраќајниот метеж, изминативе 4 години пробивме и проширивме 14.449 метри улици и булевари“ рече градоначалникот Коце Трајановски. Тој дополни дека биле реконструирани улици и булевари во должина од 19.784 метри коловоз.

 

 

Во четиригодишниот мандат на Коце Трајановски биле изградени три кружни текови, околу 82 километри водоводна мрежа, околу 40 километри фекална канализација и околу 30 километри атмосферска канализација. Во градските автобуси бил воведен нов систем за електронска наплата на билети и автоматска локација на возилата. Градот Скопје засадил 256.000 листопадни и зимзелени садници, додека на територијата на градот биле подигнати околу 330.000 метри квадратни зелени површини, се наведува во отчетот на скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk