Вкупно 854 барања за проценка на штети биле поднесени до Општинската комисија за проценка на штети по низата земјотреси кои што го погодија Охридскиот регион. Од нив, 802 барања се за оштетувања во индивидуални објекти, додека 52 се за штети во објекти во сопственост на деловни субјекти. Материјалната штета се проценува на 58 милиони денари, а обесштетувањето треба да го изврши македонската влада. Од Општинската комисија за проценка на штети денеска излегоа со информација дека 11 објекти не се безбедни за живеење, поради што овие објекти се класифицирани во оштетувања од трета категорија.
Во соработка со Институтот за земјотресно инженерство од Скопје, комисијата во наредниот период ќе направи уште една обиколка на сите поризични објекти. Серијата на потреси во Охридскиот регион траеше десетици дена, а најсилен беше земјотресот на 3 јули со јачина од 5 степени по Рихтер.