Буџетот на Град Скопје ќе биде олеснет со дополнителни 3.068.000 денари за набавка на непредвидени работи при изведбата на плоштадот „ВМРО“. Просторот пред седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ веќе проголта 87.748.340 денари од градскиот буџет, покажуваат податоците од веб-страницата на Електронскиот систем за јавни набавки. Во објавениот договор не е наведено за какви непредвидени работи е ангажирана кавадаречката фирма „Урбан инвест“, која воедно беше и изведувач на самиот плоштад.
*Од изградбата на плоштадот „ВМРО“; Фото: Архива на „Билд“.
Просторот со површина од 681 метри квадратни веќе подолг период се натпреварува во категоријата најскап плоштад од проектот „Скопје 2014“. Оваа јавна површина се уредува уште во 2014 година, а во овие три години неколку пати се вршеа корекции на сработеното. Основниот проект за плоштадот „ВМРО“ го изготви фирмата „Факом“ од Скопје. На јавниот простор беа поставени канделабри во стил увезен од западноевропските метрополи, но надополнети со амблеми на ВМРО. Фонтаната и спомен обележјето пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ беа изработени од скулптурката Елена Дуковска.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk