Веќе неколку месеци наназад се зголемува бројот на издадени одобренија за градење за нови станови. Намалувањето на цената на станбените единици и наголемувачката залиха на нови објекти не ги поколебува инвеститорите да ја отпочнат постапката за реализација на нивните проекти. Само во текот на јуни годинава се издадени одобренија за градење на 927 станови, со вкупна корисна површина од 68.433 метри квадратни. Споредено со јуни 2016 година, бројката на предвидени станови за годинава е поголема за 8,2%, додека нивната површина пораснала за 8,6%.
Според податоците на Државниот завод за статистика, деловните субјекти обезбедиле градежни дозволи за изградба на 656 нови станови, чија површина би изнесувала 42.633 метри квадратни. Останатите живеалишта ќе ги градат физички лица. Најмногу одобренија за градење се издадени за подигање на двособни – 348 и трисобни станови – 290. Скопскиот регион со 695 предвидени станови за градење предничи на ниво на целата земја. Притоа, интересот на инвеститорите бил најголем за изградба на објекти за домување во Општина Ѓорче Петров – вкупно 287 станови, а по неа следуваат Општина Аеродром со 237 и Општина Кисела Вода со 62 предвидени станови за градење.
Статистичарите пресметале дека во јуни 2017 година биле издадени 230 одобренија за градење, што е за 16,1% помалку во однос на истиот период од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 3.806.255 илјади денари, што е за 13,6% помалку во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 158 (68,7%) се наменети за објекти од високоградба, 19 (8,3%) за објекти од нискоградба и 53 (23%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 230 објекти, на 155 (67,4%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 75 (32,6%) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk