Граѓаните од странските земји кои со месеци без кров над глава минуваат по бегалски кампови низ странство постанаа тема за препукување меѓу опозицијата и власта во земјава. Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со информација дека Министерството за труд и социјална политика има испратено дописи до општините за обезбедување на локации за изградба на објекти во кои ќе бидат сместени мигранти. Од партијата велат дека поранешната власт не изградила ниту еден ваков објект на територијата на земјава, но и дека сегашната влада ќе всели десетици илјади мигранти.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека државата нема да гради станови за бегалци, ниту пак тие ќе останат на територијата на нашата земја. „Предлог Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027“ е продолжение на иста таква стратегија за периодот 2009-2015 година, донесена од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Документот нема никакво обврзувачко дејство и тие кои во минатото ја потпишале оваа стратегија го знаат овој факт“ велат тие.
Од надлежното министерство информираат дека поранешниот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Спиро Ристовски на 5.7.2012 година се обратил до скопската општина Сарај со барање за согласност за користење градежна парцела за изградба на станови за сместување бегалци и социјално загрозени лица, овозможено со средства од ИПА Фондот. Тие напоменуваат и дека претходната влада на седница во 2011 година ја разгледала Информацијата за имплементација на стратегијата за интеграција на бегалци и странци и усвоила заклучок според кој се задолжува Министерството за транспорт и врски да предложи локации на државно земјиште кое може да се искористи за изградба на станбени објекти.
Заедно со неколку локални самоуправи од земјава, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во изминативе неколку дена води жестока кампања околу наводната изградба на десетици станбени објекти за сместување на бегалци низ повеќе општини во земјава. Медиуми блиски до опозицијата ја вознемируваат јавноста со информации дека во некои општини, меѓу кои е и Прилеп, ќе се граделе по десетици згради за сместување на бегалци од Сирија и од други земји во кои се водат војни.
*Извор на информација: Министерство за труд и социјална политика