Општина Центар ќе изготви студија за населбата Дебар Маало, со која таа би можела да го добие статусот на нематеријално културно наследство. Изработката на документот би го дефинирал Боемскиот кварт како културна атракција врз основа на културно – историскиот и антрополошкиот контекст во последното столетие, со посебен акцент на првата половина на 20 век. Изработката на овој документ доаѓа во период во кој населбата Дебар Маало минува низ т.н. процес на џентрификација, со која некогаш подзаборавениот дел на Скопје прераснува во атрактивен простор за отворање на бројни ресторани, кафулиња и галерии.
Подготовката на студијата за дефинирање на Боемскиот кварт како културна атракција е проценето дека ќе чини околу 280.000 денари. Локалната самоуправа ги очекува понудите од заинтересираните субјекти најдоцна до 7 август. Изработката на документот ќе означува и сместување на едно место на подетални сознанија за голем дел од објектите изградени во населбата Дебар Маало. Низ улиците на овој дел од Скопје се сместени вредни градителски дела од македонската архитектура, меѓу кои треба да се споменат станбениот објект на Глигорије Ташковиќ и станбената куќа на Лудјек Кубеш.
Џентрификацијата во македонскиот главен град во изминатиов период се одвиваше стихијно и без поголеми реакции од стручната јавност. Заедно со населбата Дебар Маало, на врвот од листата на скопски локации е и Старата скопска чаршија. Ваквата појава во развиениот свет денеска предизвикува спротивставени реакции помеѓу стручњаците, но и меѓу самите граѓани. Дел од стручната јавност смета дека џентрификацијата овозможува обнова на подзаборавените делови на градовите, враќајќи го некогашниот дух на градот. Но, постојат и многу експерти кои велат дека со оваа појава драстично се зголемуваат севкупните цени за живеење во овие реони, со што самите уметници и локалните жители не можат да си дозволат да го продолжат животот во овие делови од градот.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk