Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје пред реконструкција. Градските власти планираат да инвестираат околу 300.000 евра во претстојниот санационен зафат. Фирмата „Инт Глобал Инженеринг“ од Битола е избрана за изготвувач на основниот проект за адаптација, санација и реставрација на објектот, за што ќе и бидат исплатени 920.400 денари. Реконструктивниот зафат ќе следува по комплетирање на проектната документација, иако првичното ветување беше дека градежните работи ќе започнат во 2017 година.
*Извор на фотографија: Владимир Петков, Википедија (CC BY-SA 3.0)
Градот Скопје планира да инвестира во оспособување на вториот кат од објектот, кој во моментов е вон употреба. Со адаптацијата е предвидено да се добијат 200 дополнителни места за корисниците на библиотеката. На вториот кат во иднина ќе има кабини за индивидуално и групно учење, како и просторија со компјутери. Првиот кат од објектот ќе биде темелно реконструиран.