На скопскиот аеродром „Александар Велики“ денеска се реализираше првиот редовен директен лет Доха-Скопје-Доха. „Катар ервејс“ ќе лета четири пати неделно меѓу главните градови на Катар и Македонија со авионот „Ербас А320“. Со новата конекција кон земјите од Арапскиот полуостров ќе се овозможи поедноставна и побрза врска меѓу скопскиот аеродром и бројни дестинации од Азија и од Австралија. На денешната свеченост на аеродромот „Александар Велики“ присуствуваа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, извршниот директор на „Катар ервејс“ Акбар Ал Бакер и амбасадорот на Катар во Р.М. Хасан Бин Абдула Заид Ал Махмуд.
Следната авиокомпанија што треба да ја дочека скопскиот аеродром „Александар Велики“ е германската нискобуџетна авиокомпанија „Еуровингс“. Таа ќе започне да лета на релацијата Минхен-Скопје-Минхен од 31 октомври годинава.