12 семејства со ниски примања добија нов дом во петтата по ред зграда завршена во велешката населба Тунел. Хабитат Македонија денеска ги додели клучевите на новите станари. Објектот за колективно живеење има 12 стана и се простира на површина од 750 метри квадратни. „Зградата е градена со донации на корпорации и меѓународни индивидуалци, главно од САД и со труд на 1.400 волонтери кои во изградбата потрошиле повеќе од 10.000 работни денови на изградбата на овие пет згради“ изјави Зоран Костов, директор на Хабитат Македонија. На денешната свеченост присуствуваа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и велешкиот градоначалник Славчо Чадиев.
Подготовките за изведбата на новата станбена зграда започнаа во 2013 година. На терен веќе се работи на изведбата на шестиот објект, во кој е предвидено да се сместат нови 12 велешки семејства. Од почетокот на проектот до денешен ден се инвестирани над 1.000.000 долари од вкупно 23 афилијации на Хабитат од САД и голем број на волонтери од целиот свет. Изградбата на социјалната населба во Велес започна во октомври 2008 година.