Идејата за менување на фасадите на објектите на Македонската опера и балет (МОБ), Градскиот трговски центар (ГТЦ) и Народно-универзитетската библиотека (НУБ) и официјално заминува во историјата. Уставниот суд го укина членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со кој се регулираше урбанистичко-планската документација за градбите од посебен интерес. Со ваквиот потег на судот се оневозможува владата во иднина да изработува урбанистичко-планска документација за оние објекти за кои смета дека се од посебен интерес. Ваквата одлука на Уставниот суд доаѓа врз основа на поднесената постапка за испитување на уставноста на членот 50 од страна на граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“.
Невладиниот сектор ја поведе оваа постапка пред Уставниот суд откако минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ во јули 2016 година донесе одлука да ги прогласи зданијата на МОБ, НУБ и ГТЦ за „објекти од посебен интерес“. Покрај изработката на урбанистичко-планска документација по сопствен вкус, претходната влада со ваквата одлука можеше да ја заобиколи Општина Центар во постапката за издавање на одобрение за градење при евентуална идна „барокизација“ на овие архитектонски симболи на пост-земјотресно Скопје.
Пред да ја донесе ваквата одлука, Уставниот суд уште во април годинава изрече привремена мерка, со која се забрани примената на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање во натамошниот период.