Оштетени простории во објектите на Музејот на Македонија и Чифте амамот во Скопје по вчерашното невреме. Силниот град уништи дел од покривните куполи на Чифте амамот во Скопје, додека вода низ оштетената покривна конструкција навлезе и во просториите на Музејот на Македонија. Од Министерството за култура денеска излегоа со информација дека Националната галерија на Македонија е задолжена веднаш да изврши поставување на времени елементи на местото на оштетените куполи во Чифте амамот. Конзерваторскиот центар – Скопје извршил увид во состојбата во која се наоѓа овој споменик на културата и најитно ќе изготви извештај.
„Врз основа на извештајот, НУ Конзерваторски центар – Скопје ќе достави веднаш барање до Управата за заштита на културното наследство, за итно прогласување на овие објекти како културно наследство во опасност“ соопштуваат од Министерството за култура. Оттаму напоменуваат дека претходната влада од буџетот за 2017 година предвидела само 200.000 денари за санација на Чифте амамот. Од надлежното министерство информираат дека лани биле издвоени само 2 милиони денари за санациониот зафат, така што ниту еден изведувач не бил заинтересиран да ги изведува санационите работи.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска информираа за состојбата во која се наоѓа зградата на Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија. Оттаму велат дека објектот е целосно запуштен и руиниран, со срушени плафони и руинирани ѕидови, што е најдобар доказ за состојбата во која се оставени институциите и државата од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Од досегашната владејачка партија одговорија дека Музејот на Македонија во изминативе години добил нова покривна конструкција и систем за оддимување во случај на пожар.