Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние денеска извршија увид во градежните работи на автопатот Демир Капија – Смоквица. Тие ја посетија подружницата на француската фирма „ЕЖИС“ во Демир Капија, каде се запознаа со најновите информации околу реализацијата на овој проект. Министерот Сугарески по средбата изјави дека автопатот треба да биде пуштен во употреба најдоцна до 1 ноември. Тој укажа дека проектот се соочува со проблеми со сигнализацијата на автопатот, но и со далновод што треба допрва да биде дислоциран од МЕПСО.
* Извор на фотографија: Влада на РМ
Првичниот рок за реализација на автопатот од грчката фирма „Актор“ беше септември 2016 година. Најновите проблеми при изведбата на оваа делница од Коридорот 10 ќе го одложат пуштањето во употреба на автопатот за повеќе од една година. Министерот Сугарески напомена дека во наредниот период ќе се објават детали во врска со изградбата на овој автопат, вклучувајќи ја и точната сума на инвестицијата. Во наредниот период треба да се изведе контролниот центар во Неготино, од каде ќе се управува со целокупната електронска сигнализација на автопатот со должина од 28,2 километри.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние изјави дека е задоволен од сработеното на автопатот Демир Капија – Смоквица. Надзорот над градежните работи го вршеше француската фирма „ЕЖИС“, која е најголемата француска инженерска компанија. Капиталниот инфраструктурен објект се гради од 8 септември 2012 година. За проектот се обезбедија финансиски средства од 257 милиони евра преку Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и грант од ИПА фондовите на ЕУ.