Претходна статија
Критична маса ќе прослави пет години промоција на велосипедскиот превоз во Скопје
Следна статија
Рекреативна патека се гради околу Преспанското езеро

Владата во заминување се пофали со луксузниот ентериер на „Це-Ка“

Објавено на 24.05.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Кожни фотелји, отмен дрвен паркет, тркалезна маса и врати од масивно дрво и големи лустери кои го нагласуваат луксузниот ентериер на „барокното“ владино седиште во центарот на Скопје. Владата во заминување вчера одржа седница во новата сала за седници, покажувајќи и го на јавноста внатрешното уредување на објектот во согласност со проектот „Скопје 2014“. Според податоците од Бирото за јавни набавки, македонските граѓани преку државниот буџет за ваквото уредување на внатрешноста на објектот одвоиле над 321 милион денари, односно 5,2 милиони евра.

 

 

Луксузното опремување на владиното седиште се одвивало со склучување на три поголеми договори во периодот од 2013 до 2015 година, кои доаѓаат по изведбата на „барокната“ фасада на владиниот објект во претходната фаза. Електронската база на податоци „Скопје 2014 под лупа“ на БИРН покажува дека во промената на севкупниот лик на овој објект биле вложени 16.491.743 евра од државниот буџет.

 

Промената на надворешниот изглед на владиното седиште започна уште во 2011 година, кога идејата беше обелоденета без добиената согласност за изведба на проектот од оригиналниот автор на објектот Петар Муличковски.