Жителите на главниот град поднеле над 800 барања за субвенции за купување велосипед. Градот Скопје денеска информираше дека постои голем интерес од граѓаните по објавувањето на јавниот повик на 13 мај. Доделувањето на средствата за набавка на велосипеди ќе се одвива по принципот „прв дојден прв услужен“. Објавениот јавен повик ќе трае до исцрпување на буџетот предвиден за оваа намена, но не подоцна од 31.12.2017 година. Средствата што ќе ги надоместува Градот Скопје се во износ од 50% од цената на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, нето износ, по лице.
Од годинешниот буџет за оваа намена се предвидени средства во висина од 10 милиони денари. Заедно со барањето, заинтересираните граѓани треба да поднесат копија од лична карта, копија од трансакциска сметка на барателот и доказ дека е извршено купување велосипед. Право на учество на јавниот повик имаат сите жители од десетте скопски општини.