Министерството за образование и наука потпиша два договора за изградба на основните училишта „Вера Јоциќ“ и „Кирил и Методиј“ во скопската населба Хиподром и во тетовското село Фалише. Инвестицијата во овие проекти изнесува 67,9 милиони денари, средства од државниот буџет. Градежните работи ќе ги изведуваат фирмите „НБ Цомпану“ од Тетово и „ВИА Инженеринг“ од Вевчани. Во тетовско Фалише ќе се догради постојниот објект, за што се издвоени 14,1 милиони денари.
Во скопската населба Хиподром ќе се гради нов образовен објект во вредност од 53,7 милиони денари. Постојните училишни бараки ќе се срушат, а на нивно место ќе се изгради нова зграда на два ката за вкупно 500 ученици. Градежните работи е предвидено да завршат во текот на 2018 година.