Покрај Општина Центар, од годинава субвенции за купување нов велосипед ќе дели и Град Скопје. Градските власти го објавија јавниот повик до граѓаните за надоместување на дел од трошоците на граѓаните за набавка на велосипед. Доделувањето субвенции ќе се одвива по принципот „прв дојден, прв услужен“. Средствата што ќе ги надоместува Градот Скопје се во износ од 50% од цената на купен велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Граѓаните може да ги поднесуваат своите барања до 31 декември годинава, или пак, до исцрпување на предвидените средства за годинава во износ од 10 милиони денари.
На јавниот повик ќе може да аплицираат сите жители на скопските општини (Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај). Граѓаните најпрво ќе треба да купат велосипед, а потоа да го поднесат барањето за надоместок, вклучувајќи копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка. Секој граѓанин има право да поднесе само едно барање за субвенционирање на набавката велосипеди.