Општина Центар денеска ја започна реализацијата на проектот „Цел Центар на точак“. Локалната самоуправа годинава ќе субвенционира купување на 1.111 велосипеди за граѓаните од оваа скопска општина. Полнолетните жители најпрво ќе треба да купат велосипед, а потоа и да достават барање за субвенционирање, фискална сметка со сметко-потврда или фактура, копија од лична карта и од трансакциска сметка. Комплетната документација треба да се достави до архивата на општина Центар. Од локалниот буџет за оваа намена се издвоени 2,8 милиони денари.
Локалните власти ќе субвенционираат 30% од целокупната вредност на купениот велосипед, но најмногу до 3.000 денари. Од општина Центар денеска изразија задоволство што проектот успешно се спроведува неколку години наназад. „Со тоа се реализира поставената цел, според која за четири години вакви субвенции ќе добијат повеќе од 4.000 центарци, овозможувајќи им поздрав живот, поздрава животна средина и помал сообраќаен метеж“ информираат од оваа општина.