60-тата по ред „Критична маса“ во Скопје ќе се вози денеска, со почеток од 17:30 часот, од плоштадот „Македонија“. Од иницијативата „На точак“ најавуваат дека колективното возење велосипеди низ градот ќе биде посветено на проблемот со окупираните велосипедски патеки од страна на автомобилите. „Нашата цел за вело-пријателски град е град поквалитетен за живот за сите, а такво нешто не е возможно со блокирани тротоари, окупирани пешачки зони, приоди кон влезови итн.“ се наведува во повикот со кој се повикуваат граѓаните да се придружат на денешниот настан.
Од иницијативата „НаТочак“ посочуваат дека заштитните столбови се единствениот механизам понуден од надлежните власти за справување со несоодветно паркираните возила. Според нив главниот град постепено прераснува во еден огромен паркинг, што го окупира слободниот јавен простор. На тој начин, сите останати граѓани се маргинализирани и без еднаков третман.