Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети Албанскиот театар во Скопје, каде што се одвива реконструкција на објектот. Во изминатиов период се работеше на изведба на сценската технологија, изведба на фасадата во пациото на објектот, електричните инсталации и се поставија вентилациски канали за машинските инсталации. Зградата се обновува по повеќе од 40 години од нејзината изградба. Изведувач е италијанската фирма „Скиентиа СРЛ“, а планот е градежните работи да се завршат до крајот на 2017 година.
* Извор на фотографија: Министерство за култура
Министерката Канческа-Милевска информираше дека со зафатот ќе се обнови површина од 4.300 метри квадратни, со што објектот ќе добие две сали опремени со најсовремена сценска опрема, но и внатрешно ќе се реорганизира постојниот ентериер на објектот. Реконструктивниот зафат доцни повеќе од една и пол година од предвиденото.
Градежните работи на терен започнаа пред три години и три месеци, кога тогашниот премиер Никола Груевски и вицепремиерот Муса Џафери најавија дека зафатот ќе чини 8 милиони евра и ќе биде завршен до септември 2015 година.