Претходна статија
По Охрид, и во Дојран ќе се гради наколна населба
Следна статија
Еколозите и власта со спротивставени гледишта за мисијата на УНЕСКО во Охрид

Библиотеката на Музејот на современа уметност отворена за читатели

Објавено на 19.04.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Музејот на современа уметност ги отвори депоата со свои книги и списанија од уметноста. На посетителите на објектот лоциран на Скопското кале од денес им се достапни 5.200 книги и над 2.000 списанија од богатиот фонд собран по скопскиот земјотрес од 1963 година. Со донација од „Еуролинк осигурување“, во музејот е отворена библиотека и истражувачки центар за сите заинтересирани читатели. Во новиот инвентар и внатрешното уредување на просторот се инвестирани над 335.000 денари.

 

 

Од „Еуролинк осигурување“ најавуваат дека ќе продолжат да ја поддржуваат работата на МСУ со 1,1 милиони денари годишно. Значењето на овој чекор е дотолку поголемо што музејската установа има книжевни дела кои во земјава се единствено достапни во нивниот фонд. По катастрофалниот земјотрес од 1963 година, многу уметници од различни делови на светот донирале своите уметнички дела за Скопје, но музејот во исто време примил и набавил многу сопствени книжни дела.

 

Лазе Трпков, директор на Музејот на современа уметност, рече дека посетителите ќе добијат можност да се запознаат со богатата збирка на публикации, книги и списанија од современата уметност. Во втората фаза од проектот, МСУ ќе реализира дигитализација на целокупниот книжен фонд и ќе им овозможи на читателите да извршат онлајн преглед на изданијата преку веб-страницата на музејот.

 

Музејот на современа уметност беше реконструиран во 2014 година. Тогаш беа ставени во функција застаклената сала „Пикасо“ и горниот кат од музејот. Идентично како и мноштвото уметнички дела, објектот е донација на Владата на Република Полска по земјотресот од 1963 година. Музејското здание е изградено во 1970 година врз основа на проектот изготвен од „Варшавските тигри“ – полските архитекти Јержи Мокшински, Евгениуш Вјежбицки и Вацлав Клишевски.