Претходна статија
Уште еден неуспешен тендер за изградба на театарот „Центар“
Следна статија
Гаражата „Смилевски конгрес“ непредвидено зема уште 13,5 милиони денари

СДСМ со нови наводи за плацот кај „Мајчин дом“, „Орка холдинг“ демантира

Објавено на 10.04.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Сопственикот на градежната парцела кај „Мајчин дом“ во населбата Аеродром и бизнис партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Камчев преку фирмата „Масив констракшн“ од градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски добил маркичка за изградба на огромна зграда од девет ката, обвинија денеска од СДСМ. „Пред да биде насилно сменет ДУП-от, плацот се водел како неизградено земјиште, без маркица за градба. На неизграденото земјиште Камчев подигнал 3.200.000 евра кредит. На двата плаца коишто беа зелени површини сега ќе никнат згради што ќе ги гради фирмата на бизнис партнерот на Никола Груевски, Орце Камчев“ изјави Златко Марин, претседател на ОО СДСМ-Аеродром.

 

 

Марин најави ревизија на работењето на градоначалникот Ивица Коневски и одговорност за направените злоупотреби по локалните избори. Во меѓувреме, од „Орка Холдинг“ денеска излегоа со реакција на обвинувањата од СДСМ. Тие велат дека преку една од нивните ќерки-фирми поседуваат удел од 20 отсто во фирмата „Масив констракшн“. Од „Орка Холдинг“ велат дека не подигнале кредит на тоа земјиште и никогаш не го заложиле истото под хипотека. „Го замолуваме господинот Марин веднаш да ја демантира својата изјава и да се извини, во спротивно ќе бидеме приморани да отпочнеме судска постапка за изнесените невистини, лаги и нарушување на угледот на компанијата“ соопштуваат од „Орка Холдинг“.

 

Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски денеска повторно вели дека тврдењата на опозицијата се лаги и невистини. „Откако не им успеа трикот да ја излажат јавноста дека општина Аеродром го уништува зеленилото, сега со нови ноторни лаги ме обвинуваат за незаконски активности, со единствена цел да ги дискредитираат мојот личен и угледот на општина Аеродром. Ја повикувам јавноста да не подлегнува на овие манипулации и лажни вести, бидејќи постапките за донесување на детални урбанистички планови се водат целосно во согласност со законот“ истакнува градоначалникот Коневски.