Претходна статија
Годинава ќе заврши реконструкцијата на регионалниот пат Бошков мост - Дебар
Следна статија
Прилепскиот пазар преку соларни панели ќе се снабдува со електрична енергија

Во септември ќе почне реконструкцијата и надградбата на Универзална сала

Објавено на 29.03.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го претставија проектот за реконструкција, доградба и надградба на Универзалната сала. Првиот човек на главниот град посочи дека проектирањето на објектот е во завршна фаза и се очекува од септември да почнат градежните работи на терен. Постојниот објект со површина од околу 4.000 метри квадратни ќе се догради со дополнителни 4.000 метри квадратни и со паркинг на две нивоа со површина од околу 5.000 метри квадратни.

 

 

Градот Скопје кон крајот на мај или на почетокот од јуни ќе го распише тендерот за избор на изведувач на градежните работи. Проектната документација ја изработува Градежниот институт „Македонија“. „Финансирањето на проектот за реконструкција, доградба и надградба на Конгресниот центар „Александар Македонски“ ќе се изврши од Владата на Република Македонија преку Министерството за култура“ изјави градоначалникот Трајановски. Објектот со претстојниот зафат ќе добие целосно реконструирана постојна сала со 1.400 седишта, поголем број на повеќенаменски сали со капацитет од 200 и од 120 седишта, четири мултимедијални сали со капацитет од 30 до 40 седишта и шест нови простории за билатерални средби.

 

„Со овој проект, во делот на реконструкција се опфатени целосно интериерно уредување и поставување на целосно нова сценска технологија, реконструкција на влезниот хол со целото фоаје, реконструкција на постојната централна сала, како и реконструкција на куполата на покривот и галериите. Во делот на доградба, предвидено е доградба на приземјето, галериите и околу надворешниот прстен на самиот објект“ рече министерката за култура Канческа-Милевска.

 

На денешната прес-конференција реагираа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кои посочуваат дека Коце Трановски и Елизабета Канческа-Милевска нема што веќе да им даваат лажни ветувања на граѓаните. „На граѓаните им е преку глава од лагите за Универзалната сала. Во 2013 година Канческа-Милевска и Трајановски објавија дека не е возможна реконструкција и надградба и објектот треба да се урива, а сега најавуваат негова реконструкција. И тогаш и сега се плаќаат пари на граѓаните за идејни решенија, а од ветувањата нема ништо“ велат од СДСМ.