Скопската општина Гази Баба денеска го објави јавниот повик за финансиска поддршка во реконструкцијата на покривите, лифтовите и фасадите на станбени згради во овој дел од Скопје. Локалната самоуправа планира да покрие до 30% од севкупните трошоци за градежниот зафат, но не повеќе од 300.000 денари. Сите заедници на сопственици и управители на колективни згради треба да достават барање, заедно со одлука за согласност на станари и доказ дека станарите ќе ги обезбедат останатите 70% од финансиските средства за обнова на фасадата, лифтот или покривот на објектот.
Од оваа општина информираат дека проектот ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“. Јавниот повик ќе трае до исцрпувањето на финансиските средства наменети за оваа намена од буџетот за 2017 година, но најдоцна до 30 септември. По пристигнатите барања ќе одлучува комисија формирана од општина Гази Баба. За надоместување на дел од трошоците за реконструкција на фасади, лифтови и покриви на зградите годинава ќе се одвојат 3.000.000 денари.