Музејот на град Штип во септември годинава планира да започне со конзерваторско-реставраторски работи на штипската тврдина Исар. За целокупниот зафат е предвидено да се издвојат околу 1,2 милиони евра. Дел од средствата веќе се обезбедени од Министерството за култура, додека останатите финансии се планира да се добијат од локалната самоуправа и од приватни бизнисмени. Реставрацијата на овој значаен споменик на културата ќе се одвива во период од шест до седум години. За реализација на севкупните активности веќе е изработен проект со 3Д анимација на некогашната тврдина Исар.
* Скициран некогашниот изглед на штипската тврдина Исар
Тврдината Исар била подигната во раниот среден век во функција на одбрана на градот што се наоѓал во нејзиното подножје. На самиот врв од ридот има нерамно плато во должина од 200 метри во правецот север-југ, кое е оградено од темели на бедем висок и до 19 метри, заедно со неколку одбранбени кули. Овој објект претставува еден од историските симболи на Штип што бил делумно разорен низ историјата.