Јапонската влада на шест македонски институции им додели неповратни финансиски средства во висина од 368.626 евра. Со грантовите е предвидено да се реконструираат две основни училишта и да се набави опрема за Пелагонискиот плански регион, Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, Противпожарната единица во Велес и Општата болница во Охрид. Со јапонската помош ќе се изврши темелна реконструкција на училиштата „Вук Караџиќ“ во Куманово и „Св. Климент Охридски“ во струшкото село Драслајца. Финансиските средства се обезбедени преку Програмата „Грант помош за поддршка на мали проекти – GGP“.
В.д. амбасадорот на Јапонија во Скопје, Тојоказу Кубота изјави дека овогодинешната помош е најголема во последните десет години што е издвоена за GGP проекти во текот на една година. Македонија е корисник на финансиски средства преку оваа програма уште од 1996 година. Досега се реализирани над 100 проекти во вредност од околу шест милиони евра низ целата земја.