Општина Карпош денеска распиша тендер за избор на компании што ќе ги реконструираат фасадите на пет станбени згради на територијата на оваа локална самоуправа. Станува збор за објекти што ќе добијат термички фасади со кои ќе се исполнат мерките за енергетска ефикасност на градбите стари и по неколку децении. Проценето е дека за реализација на проектот ќе бидат потребни 16,5 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Општината. Градежните фирми имаат рок од 27 март за да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка. Покрај заштедите на енергија во домовите, со претстојните зафати со колоритни бои ќе се освежи надворешниот изглед на постојните колективни згради во Карпош.
Локалната самоуправа уште од лани излезе со информација дека планира да ги обнови фасадите на 40 станбени објекти низ населбите во Карпош. Градежните работи, кои во моментов се наоѓаат во различна фаза на реализација, се изведуваат на десетина згради во речиси сите населби од оваа скопска општина.