По 17 дена штрајк, железничарите од денеска почнуваат повторно со работа. Патничките и товарните возови ќе се придвижат од мртва точка, но вистинското прашање е кога ќе се случи следниот прекин на работата. Според податоците на Државниот завод за статистика, Македонски железници лани имале помал обем на работа во товарниот и во патничкиот сообраќај. Патничките возови превезле 663.000 патници, што е историски негативен резултат незабележан во работењето на ова јавно претпријатие. Со воз во последните три месеци од 2016 година патувале само 162.000 патници, што е за 54% помалку во споредба со октомври-декември 2015 година.
Силното намалување кај бројката на превезени патници се надополнува со статистичките податоци од товарниот транспорт. Со возови во изминатите 12 месеци биле транспортирани 1.356.000 тони стока, што е за речиси 40 пати помалку од обемот на транспорт што го реализирале камионите од товарниот патен превоз. Товарните возови во последните три месеци од 2016 година превезле 378.000 тони стока, што е за 2,1% помалку во однос на идентичниот период од претходната година. Овие неповолни бројки за уназадувањето на железницата се повторуваат веќе неколку години наназад, со исклучок на периодот од бегалската криза од 2015 година.
Истовремено, статистичарите пресметале дека во патничкиот патен превоз лани биле превезени 7.221.000 патници, првенствено со автобус во меѓуградскиот превоз. Во четвртото тримесечје од 2016 година со автобус патувале за 5,2% помалку патници во споредба со идентичниот период од 2015 година. Градско-приградскиот превоз во текот на целата 2016 година опслужил 76.302.000 патници, иако податоците покажуваат дека користењето на јавниот превоз во градовите било намалено во последните три месеци од 2016 година.
Македонскиот транспорт лани забележал позитивен исход од работењето единствено во делот на авиосообраќајот и на камионскиот транспорт. Со авиони од двата македонски аеродрома лани биле превезени 1.788.233 патници, што е за 9,4% повеќе во споредба со 2015 година. Во овие бројки влегуваат патниците што ги користеле странските воздухопловни компании, но во податоците не е вклучен транзитот. Во делот на товарниот патен превоз, вкупниот обем на превезена стока е заокружен на 51.308.000 тони. Државниот завод за статистика констатирал зголемување од 9,1% во обемот на превезен товар од камионџиите во последниот квартал од 2016 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk