Општина Велес планира да го реконструира некогашниот Офицерски дом во центарот на градот. Овој објект долг временски период функционираше како ресторан во склоп на Градскиот парк, но во изминативе неколку години е целосно запуштен. Локалните власти изготвија проектна документација за изведба на санационен зафат, со кој оваа зграда ќе постане идна Градска куќа. За реализацијата на проектот се обезбедено пет милиони денари, од кои 3,1 милион се грант добиен од Светската банка. Општина Велес очекува дека со преадаптацијата на просторот ќе се добие репрезентативен објект што ќе има повеќенаменска функција во интерес на граѓаните.
Македонската влада и го отстапи Офицерскиот дом на локалната самоуправа во јуни 2013 година. Општината во изминатиов период хортикултурно го уреди дворот на објектот, но некогашниот ресторан беше затворен. Зданието во моментов останува неискористено, иако се наоѓа во самиот центар на Велес.