Градот Скопје ја подготвува проектната документација за реконструкција на пешачките и на велосипедските патеки долж пет фреквентни булевари и улици во главниот град. Денеска беше распишан тендер за изработка на проектите, кои е проценето дека ќе чинат околу 1 милион денари. Станува збор за изработка на документација за сообраќајници во должина од десетици километри, кои се протегаат на територијата на општините Центар, Кисела Вода, Чаир и Бутел. Проектната документација ја опфаќа целата должина на булеварот „Борис Трајковски“ од фабриката „Стаклара“ до центарот на Скопје.
Градската власт ќе изработи и проекти за оската север-југ, која започнува од кај новата катна гаража кај „Макпетрол“ преку „Веро центар“ и раскрсницата кај Судска палата до клучката Бит-пазар. Покрај булеварите „Кочо Рацин“ и „Крсте Петков Мисирков“, со постојниот тендер ќе се изработи и проект за улицата „11-ти Октомври“ на потегот меѓу булеварите „Крушевска република“ и „Кочо Рацин“, како и за улицата „Бутелска“ за трасата меѓу улиците „Босна и Херцеговина“ и „Душко Поповиќ“. Тендерската постапка е отворена до 7 март.
Реконструкцијата на пешачките и на велосипедските патеки долж овие сообраќајници ќе следува по изготвувањето на неопходните проекти. Градот Скопје во изминативе месеци работеше на изведба на две велосипедски рути од проектот „Скопје велоград“, кој на многу места вклучи и реконструкција на пешачките патеки.