Започна реконструкцијата на најголемата спортска сала во Битола. Општината во наредните неколку месеци ќе инвестира во ентериерот на салата „Младост“, која ќе добие нов и проширен терен, нов семафор и реконструирани столчиња во гледалиштето. Предвидено е да се срушат три реда од трибинскиот простор за да се прошири спортскиот терен. Со проектот ќе се воведе и греење во спортскиот објект со поставување на котел за греење на биомаса. Санациониот зафат ќе се одвива во две фази. Со втората етапа е планирано да се реконструираат соблекувалните и тоалетите во спортскиот објект.
За реализација на првата фаза од проектот се алоцирани 15,2 милиони денари. Градежните работи ги изведува битолската фирма „БВ Инженеринг“, а рокот за нивно завршување е пет месеци. Спортската сала „Младост“ е изградена во 80-те години на XX век и до денешен ден не била ниту еднаш реконструирана.