Македонските екологисти упатија уште едно барање до владата за ревидирање на планот за изградба на нови хидроелектрани во Националниот парк „Маврово“. Барањето доаѓа по одлуката на Европската банка за обнова и развој за откажување на кредитот за финансирање на изведбата на хидроелектраната „Бошков мост“. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека заштитата на природата во Македонија треба да се сфати многу посериозно отколку што е случај во моментов. „Се надеваме дека реалните закани по однос на природноста на Паркот ќе бидат конечно изложени“ посочува Методија Велевски од МЕД.
Екологистите предупредуваат дека владата не реагира на изградбата на малите хидроелектрани од страна на приватни инвеститори во Националниот парк „Маврово“. „Две хидроелектрани се веќе изградени и две се во изградба. Постапката за изградба на уште четири хидроелектрани е во тек, концесиите се издадени, а елаборатите за влијанието врз животната средина се одобрени“ велат екологистите. Со ова, опасноста од изградба на нови енергетски капацитети во Националниот парк „Маврово“ не е надмината.