Агенцијата за катастар на недвижности ќе изврши масовна проценка на недвижностите во четири пилот-општини во текот на 2018 година. Од катастарот забрзано работат на воспоставување на системот, со кој ќе се обезбеди проценување на вредноста на секоја недвижност во Македонија. Следната година ќе се изврши масовна проценка на имотите во општините Кисела Вода, Зелениково, Свети Николе и Гостивар. Веќе во текот на февруари ќе се спроведе масовно теренско собирање на податоците за сите недвижности во избраните четири општини. Во април е предвидено да се изврши надградба на е-кат системот за автоматско внесување на изјавите и на дополнителните податоци за имотите.
До крајот на годинава ќе се изработи софтвер за статистики, како и софтвер преку кој со податоците од катастарот на недвижности и од базата на Регистарот на цени ќе треба да се врши вреднување на сите имоти. Системот за масовна проценка на недвижностите ќе им служи првенствено на општините како алатка за пресметка на данокот на имот, додека на банките и на сите јавни и државни институции ќе им овозможи да добијат точен увид во вредноста на секоја недвижност во земјава.