Министерот за здравство Никола Тодоров денеска изврши увид во реконструкцијата на Градската болница во Скопје. Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ се реновира уште од септември 2016 година, а во моментот активностите се одвиваат со засилено темпо. „Имаме комплетна темелна реконструкција на внатрешноста односно на собите, ходниците, салите и интензивната нега, а ќе се изградат и тоалети во поголем дел на соби, со што ќе се подобри стандардот на нега и услуга во болницата“ изјави Тодоров.
Првата темелна санација на внатрешноста од ова здравствено здание се одвива по 80 години од неговата изградба. За градежниот зафат се издвоени 2 милиони евра од Министерството за здравство. Потпишаниот договор за реконструкција е со временски период од 24 месеци. Објектот на Градската болница во Скопје е дело на хрватскиот архитект Драго Иблер. Зданието е изградено во 1929 година и истото е прогласено за споменик на култура во нашата земја. Пред повеќе од една деценија, државата го реконструираше надворешниот изглед на овој објект.