Кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски денеска го пушти во употреба реконструираниот Занатски дом лоциран во центарот на градот. Некогаш запуштениот објект прерасна во мултифункционален центар. Големата сала ќе ја има намената на сала за венчавање, а ќе се користи и за одржување на камерни концерти, изложби, средби со граѓани и за активности на невладиниот сектор. „Ќе биде еден „сити хол“ каде ќе се одржуваат сите приеми на гости на градот, ќе биде репрезентативна сала која ќе има неколку намени“ изјави Дамјановски.
* Извор на фотографии: Општина Куманово
За реконструикција на ентериерот беа потрошени околу 18 милиони денари од Центарот за развој на североисточниот регион и од општина Куманово. Изведувач на градежните работи беше прилепската фирма „Теракота Инженеринг“. Локалните власти чекаат одобрување и на проектот за обнова на фасадата на објектот.
Занатскиот дом во Куманово е најпознатото архитектонско здание во вториот по големина град во земјава. Изграден во 1930 година, објектот претставува архитектонско дело на рускиот автор Владимир Антонов. Реконструктивниот зафат врз објектот започна кон крајот на август годинава.