Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска го означи почетокот од изградбата на првата станбена зграда од владиниот проект „АРМ – мој вистински дом“. Објектот со 32 станови за припадниците на македонската армија ќе биде лоциран во скопската касарна „Илинден“. Министерот Јолевски информираше дека досега се пријавиле околу 250 припадници на АРМ кои сакаат да го решат станбеното прашање преку овој проект. Купувањето на стан се одвива по поволни услови, поаѓајќи од фактот дека министерството го плаќа земјиштето, комуналните такси, изработката на проектна документација, како и каматите на кредитите кои ќе ги подигнат армиските припадници.
Припадниците на македонската армија ќе можат да го исплатат кредитот на 240 еднакви рати, со почетно учество од 20 отсто од целосната вредност. Министерот Јолевски појасни дека една месечна рата од станбениот кредит ќе чини од 4.500 денари за еднособен стан до 11.000 денари за купување на четирисобен стан. Првиот објект во касарната „Илинден“ ќе се состои од подземна гаража, приземје и четири ката. Министерството за одбрана издвои над 59,2 милиони денари за подигање на армиските живеалишта. За изведувач на оваа станбена зграда е избрана тетовската фирма „Инженеринг-Гроуп“ од Желино.