Штипската локална власт вчера продаде 43 градежни парцели на неколку локации во градот и околината. По пат на електронска лицитација беа отуѓени 32 парцели за изградба на куќи и седум за изградба на станбени згради во Штип, а по една за изградба на хотел во бањата Кежовица, голем трговски центар, бензинска пумпа во месноста Криви Дол и за лесна и незагадувачка индустрија во населбата Балканска. Локалната самоуправа е задоволна од вчерашната лицитација, посочувајќи дека се продадени 43 од вкупно 55 огласени парцели.
„Од продажбата на овие 43 парцели остварен е приход од 50,2 милиони денари, или над 800.000 евра. Од оваа сума, по уплатата од страна на странките, 80% ќе се слеат во буџетот на општина Штип, а 20% во државниот буџет“ информираше Драган Ристов, советник за односи со јавност во општина Штип.