Патничкиот и товарниот железнички сообраќај бележи негативни резултати и во вториот квартал од 2016 година. Воведувањето во сообраќај на кинеските гарнитури и дополнетиот возен ред не донесоа нови патници, а особено загрижува намалувањето од дури 31,5% на превезената стока со возови во споредба со периодот април-јуни 2015 година. Во второто тримесечје од 2016 година со воз патувале 170 илјади патници, што претставува намалување од 17,1% во однос на истиот период лани. Истовремено, количеството на превезена стока во железничкиот сообраќај е заокружено на загрижувачки 248.000 тони. Колку за споредба, со товарниот патен превоз во идентичниот период биле транспортирани 14.537.000 тони стока.
*Нови возови, стари проблеми за Македонски железници; Фото: Бојан Блажевски
Покрај негативните резултати од работење на Македонски железници – Транспорт, второто тримесечје од 2016 година носи негативни резултати и во патничкиот превоз и градско-приградскиот сообраќај. Во патниот патнички транспорт биле превезени 1.840.000 патници, односно за 3,1% помалку во однос на април-јуни 2015 година. Градско-приградскиот превоз во македонските градови го користеле 20.633.000 лица, што е за 3% помалку во споредба со идентичниот период од минатата година. Единствен раст е забележан кај воздухопловниот превоз. Услугите на македонските аеродроми во второто тримесечје од 2016 година ги користеле 462.878 патници, што претставува зголемување од 26,4%.
Кај товарниот превоз најголем раст од 67% во второто тримесечје од 2016 година е забележан кај транспортот со камиони. Истовремено, минимално зголемување од 0,5% во идентичниот период е забележано кај карго превозот со авиони.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk