Започнаа градежните работи за изведба на енергетско ефикасни фасади на четири згради во населбата Козле. Најдоцна за 45 дена т.н. романски згради ќе добијат соодветна термо изолација, но и освежен надворешен изглед со нови бои. За реализација на проектот Општина Карпош ја ангажираше фирмата „Алдинг Инженеринг“, за сума од 20 милиони денари. Од Општината најавуваат дека до дистрибутивната компанија БЕГ ќе достават список на сите згради кои се стекнале со нови фасади, по што би следувале нови мерења за потрошувачката што ќе доведе до намалување на сметките за топлинска енергија.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, информираше дека во моментов се изведуваат фасади на седум објекти на територијата на оваа локална самоуправа. Локалната власт очекува дека годинава ќе успеат да ги реконструираат фасадите на вкупно 41 објект.