Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Свети Климентовиот Универзитет доведен на ниво на карабина
Следна статија
Над 60% од електричната енергија во земјава се произведува од јаглен

ТЕМА: За пет години двојно зголемен бројот на станбени кредити

Објавено на 31.07.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

При купувањето на својот нов дом, македонските граѓани без размислување се одлучуваат да ги искористат можностите што ги нуди кредитното задолжување кај банките. Според податоците на Народната банка на Р.М., комерцијалните банки од земјава одобриле речиси двојно повеќе финансиски средства за станбени кредити во периодот од 2010 до 2015 година. На крајот од 2010 година, банките издале заеми во висина од 264 милиони евра. Пет години подоцна, за купување нови живеалишта на граѓаните им биле одобрени станбени кредити во вкупна вредност од речиси 500 милиони евра.

 

 

 

Само во периодот јануари-септември 2015 година, македонските банки им издале кредити на 3.639 лица за стекнување на нов стан. Во прилог на ваквите податоци одат и показателите од Државниот завод за статистика, кои посочуваат на одржување на високото ниво на изградба на нови станови и на намалување на нивната вредност. Па така, статистичарите пресметале дека лани во земјава биле подигнати 2.824 станови од деловните субјекти и 2.473 станови во индивидуална режија. Цената на еден квадрат станбена површина во 2015 година изнесувала 46.085 денари, што е за 7,3% помалку во споредба со состојбата од пред пет години.

 

Наспроти големиот интерес на граѓаните за подигање на нов кредит, владините проекти „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“ засега не успеваат да достигнат значаен удел во доделувањето станбени кредити на граѓаните. До почетокот на 2016 година, само 820 апликации за субвенционирање на станбен кредит биле прифатени преку проектот „Купи куќа, купи стан“, вклучувајќи го севкупниот период од отпочнувањето на проектот пред повеќе од четири години. Изразено во проценти, помалку од 8% од вкупниот број на издадени заеми за купување на стан се субвенционирани преку владата.

 

Првичните резултати се повеќе од симболични и кај проектот „Купи куќа за млади“. Според последните информации соопштени од владините официјални лица, до средината на јули биле одобрени само 18 апликации за изградба или за доградба на куќа од страна на банките. Вкупниот износ на одобрени субвенции преку овој проект изнесува 382.351 евро. Во моментов се разгледуваат барањата на уште 80 граѓани кои поднеле апликација за субвенција во рамките на проектот „Купи куќа за млади“. Сите овие бројки се однесуваат за пресметан период од шест месеци, земајќи го предвид фактот дека аплицирањето за субвенциониран кредит за куќа започна на 15 јануари годинава.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk