Завршија градежните работи на втората фаза од проектот за проширување на булеварот „Партизански одреди“ кон населбата Ѓорче Петров, на сегментот од новиот кружен тек кај Порта Влае до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“, со вкупна должина од 500 метри. Во негови рамки беше извршена реконструкција и проширување на стариот коловоз и изградба на нов, со што сообраќајницата на овој потег прерасна во булевар со 6 летни широки по 3,5 метри (по 3 ленти во двете насоки) и средишна жардињера со ширина од 5 метри. Од двете страни има велосипедска патека со ширина од 2 метри (асфалт) и пешачка патека со ширина од 3 метри, со вкупна површина од 5.400 метри квадратни.
Реконструкцијата и проширувањето на булеварот беше искористена и за изведба на нова атмосферска канализација со профил ф-400 милиметри во должина од 447 метри, како и ново улично осветлување (40 тросегментни столбови во висина од 10 метри, со светилки со моќност од 250W).
Градежните активности на терен започнаа во декември минатата година. Реализираната инвестиција е во висина од 40,7 милиони денари (660 илјади евра), од кои 37,5 милиони денари беа за градежните работи кои ги изведуваше „Пелагонија“ од Гостивар, а 3,2 милиони денари беа за уличното осветлување кое го изведе фирмата „Елтра“ од Скопје. Како прва фаза од проектот за доградба на булеварот „Партизански одреди“, градската власт на почетокот од мај минатата година го пушти во сообраќај кружниот тек кај Порта Влае.