Пингвини, слон, мајмуни, морски лавови и фламинго птици се само дел од егзотичните животни кои скопјани наскоро ќе може да ги откријат при посетата на Зоолошката градина во Скопје. За да се овозможи нивен престој, од Зоолошката градина во континуитет работат на реконструкција на постојните и на изградба на нови живеалишта. Веќе е потпишан договор за изведба на живеалиште за пингвините, за кое е предвидено да се одвојат околу 18,9 милиони денари. Зафатот треба да го заврши фирмата „Бауер БГ“ во рок од седум месеци, а напролет треба да пристигнат и пингвините од Виена.
Во меѓувреме, од Зоолошката градина работат и на реконструкција и доградба на мајмунарата, проект за кој веќе е склучен договор со изведувачот „Теракота Инженеринг“ од Прилеп. Комплетно треба да се уреди и слонарата во текот на претстојната есен, за која се издвоени финансиски средства од речиси 26 милиони денари. За реализација на овие градежни работи ќе се погрижи фирмата „Деспот Инг“ од Гостивар. По исполнувањето на строгите услови за чување на слон, одговорните лица од Зоолошката градина очекуваат дека ќе успеат да донесат примерок од ова животно во Скопје. Меѓу активностите кои вклучуваат градежни работи, од Зоолошката градина во наредниот период планираат да извршат адаптација на старото живеалиште на нилскиот коњ во мултифункционален едукативно-образовен центар.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk