Претходна статија
Новиот Луна парк во Скопје ќе почека уште еден тендер
Следна статија
Се гради Дом за стари лица во Илинден

ГТЦ повторно во опасност, владата или граѓаните ќе бидат поупорни?

Објавено на 03.07.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Владата не сака да ги послуша 17.655 гласачи од општина Центар кои излегоа на референдумот за зачувување на автентичниот лик на Градскиот трговски центар. И покрај тоа што 40,53% од граѓаните излегоа на првиот граѓански референдум во земјава, македонската влада на последната седница донесе одлука за утврдување на градба од посебен интерес за изработка на урбанистичко-планска документација. Со ваквата одлука му се дава можност на Министерството за транспорт и врски самото да издаде одобрение за градење на објекти од посебен интерес и со тоа да ја заобиколи Општина Центар, која уште пред три години се изјасни дека нема намера да издава градежна дозвола за ниту еден метар квадратен надградба за овој архитектонски симбол на Скопје.

 

 

„Ве информираме дека во моментов не постои никаква одлука за градба на големи трговски единици во централното градско подрачје, туку единствено за постапка за изработка на урбанистичка документација“, велат од Министерството за транспорт и врски во изјава за „Утрински весник“. Македонската власт ја замрзна идејата за менување на ликот на ГТЦ во стилот на „Скопје 2014“ по референдумот што се одржа во април 2015 година. Иако референдумот беше неуспешен од аспект на законски определената излезност за негово задолжително спроведување, во реалноста одбраната на постоечкиот лик на ГТЦ ја поддржаа 16.836 гласачи на општина Центар, или повеќе од гласовите на која било политичка партија што учествувала на изборите во последниве неколку години.

 

Од останатата документација, Министерството за транспорт и врски веќе ја изработи физибилити-студијата од која се утврдува исплатливоста од идното воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба, реконструкција и управување со Градскиот трговски центар. Конечните заклучоци од советодавниот документ не беа никогаш објавени од надлежното министерство, иако за атрактивното здание што вреди десетици милиони евра владее огромен интерес меѓу скопската јавност. Раководството на ГТЦ во мај 2013 година ја донесе одлуката да го избере трудот на Жарко Чаушевски и Филип Богатинов за доградба и менување на надворешниот изглед на ГТЦ во стилот на „Скопје 2014“.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk