Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески денеска изврши увид во реализацијата на градежните работи од третата фаза на проектот за изградба на градското шеталиште. Според најавите, пешачката и велосипедска патека долж Охридското езеро ќе биде долга 1.300 метри, а целокупниот зафат треба да биде заокружен до крајот на септември, или пак, почетокот на октомври годинава. „Знаете дека претходно ги завршивме првите 420 метри, а во овој момент се работат преостанатите 940 метри од патеката“, изјави градоначалникот Никола Бакрачески. Шеталиштето се протега на потегот од каналот „Студенчишта“ до некогашниот хотел „Парк“. Градежните работи ги изведува фирмата „Еуро Стил“ од Охрид.
Градоначалникот Бакрачески денеска најави дека ќе се гради уште една патека на потегот од ресторанот „Котва“ до Билјанини извори, но и ќе се уреди малиот канал кој се протега паралелно со каналот „Студенчишта“. „Таа е зона која што исто така ќе биде прилагодена за пловни објекти, претежно за мали пловни објекти, чамци и кајчиња. Ќе има патека за поминување на кајчарите, ќе има една рекреативна пешачка зона, една велосипедска зона, просторот хортикултурно ќе биде уреден, ќе се постави ново осветлување во рустичен стил и секако ќе има една помала патека“, изјави Бакрачески.