Опозициските социјалдемократи денеска излегоа со барање за одговори од власта во врска со изградбата на нов Клинички центар во Скопје. „Две и пол години од најавениот нов Клинички центар во Скопје до денес остана само добро спакуваната 3-Д анимација и ништо повеќе. Заврши театарската претстава за проектот тежок цели 70 милиони евра, чија изградба најавија дека ќе биде финализирана во 2017 година. Груевски повторно излажа. Нов Клинички центар во Скопје нема, но затоа има целосен хаос во здравството“, рече Елена Костова од Комисијата за здравство на СДСМ.
* Од уривањето на стариот објект на Клиниката за гинекологија
Од СДСМ велат дека во јануари 2014 година бил најавен почетокот на изградбата на новиот Клинички центар, но досега единствено е срушена старата зграда на Клиниката за гинекологија, по што оформената дупка се претвори во огромно мочуриште. „Италијанската проектантска куќа „АРЕН СРЛ“ ги доби своите 1,3 милиони евра за изработка на проектот, а народот остана излажан дека ќе се лекува во најсовремена клиника градена по европски стандарди. Притоа, се дозна дека архитектот од проектантската куќа бил двапати апсен и осудуван за проневери поврзани со изградба на болници и старечки домови во Италија. Знаела ли власта за минатото на човекот кому му беше доверена изградбата на објект со површина од 62.000 метри квадратни“, праша Костова.
СДСМ бара одговор и на прашањето дали сето ова е причината поради која Банката на Советот на Европа досега не го одобрила кредитот за изградба на новиот Клинички центар.