Откако првиот тендер заврши без пријавен понудувач, Градот Скопје се одлучи да распише втор оглас за пронаоѓање на проектантско биро што ќе го изработи основниот проект за промена на фасадата на објектот „Ибни Пајко“. Градските власти ги очекуваат понудите од професионалната фела до 13 јуни, при што за самата документација очекуваат да платат околу 20.000 евра. Основниот проект е предвидено да се работи врз основа на идејното решение на авторите Лазар Димов и Никола Стакинов, со кое се предвидува менување на сегашниот препознатлив лик на зданието лоцирано крај Камениот мост.
Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) за време на првиот оглас повикаа на бојкот на распишаниот тендер од Град Скопје. „Оправдувањата на дел од колегите дека изработување на Основен проект не значи и авторство на делото до некаде се точни, но значи дека си соучесник во уништувањето на градот“, посочија од ААМ. Наместо да им дадат детално објаснување на архитектите за планираниот зафат, од Градот Скопје се одлучија да распишат нов тендер за избор на основен проект.
Објектот „Ибни Пајко“ е еден од најпознатите објекти во централното градско јадро и истиот е дело на архитект Глигорие Томиќ, по потекло од Крушево. Зградата е издигната уште пред Втората светска војна и претставува една од првите архитектонски симболи на модерната во Скопје. Михаел Токарев во книгата „Архитектурата на почвата на Македонија од средина на XIX до крајот на XX век“ за ова архитектонско дело ќе запише: „Со својата рамна закривена фасада и со тремот на столбови, тој носи еден прочистен модерен израз“.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk