Геодетските фирми апелираат до граѓаните да не го чекаат крајот на 2016 година и навреме да ја започнат постапката за изработка на геодетски елаборат за нивните бесправно изградени објекти. До крајот на 2016 година треба да се изготват 160.000 геодетски елаборати, кои треба да се распределат на 141 приватна геодетска фирма. Од причина што бројот на геодети е ограничен на околу 800 вработени, од Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи денеска упатија апел до граѓаните да побрзаат со изработката на геодетските елаборати.
На ваквиот апел денеска се приклучи и директор на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески. Тој апелираше до граѓаните да побрзаат со изборот на својот геодет, поради тоа што допрва треба да се изработат 160.000 геодетски елаборати. Без овој документ, граѓаните нема да можат да ја завршат постапката за легализација на своите дивоградби. Од вкупно 360.000 објекти за кои се поднесени барања за легализација во првиот рок, досега геодетските фирми изработиле 200.000 елаборати. Ако граѓаните во најскоро време не ги достават барањата за изработка на геодетски елаборати, тогаш ќе се појави опасноста од неможност за нивна изработка до крајот на 2016 година.