На заштитениот простор од Парк-шумата Водно, во делот над Детската клиника во населбата Козле, се пробива пат во насока на Шпанското село. Алармантното сечење на дрвја во подножјето на планината го открија денес граѓанските активисти, а со своја реакција на оваа тема реагираа и од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ). Од ДОМ реагираат дека на Водно му се случува еколошки криминал пред очите на Општина Карпош. „Градежната мафија го нападна делот над Детската клиника каде се сечат дрвја за да се пробијат диви патишта од по неколку километри, преку кои ќе се носи градежен материјал за изградба на приватен дом за домување“, велат од оваа политичка партија.
Од ДОМ бараат од Општина Карпош и од Град Скопје под итно да излезат на терен и да спречат понатамошните активности, како и санкционирање на криминалот со покренување на кривична пријава и судска завршница за направеното дело. Од партијата на зелените бараат прекршителот итно да изврши целосно обесштетување за нанесената штета, носење на Закон за зеленило и вистинско враќање на статусот заштитено подрачје на Парк-шумата Водно.