Големи неправилности откри Државниот завод за ревизија во Програмата за реконструкција и доградба на објекти на Градот Скопје. Ревизорите дојдоа до податоци дека проектот за „барокизација“ на постарите објекти во центарот на Скопје се одвивал без утврдување на пресметковната вредност за изградба, доградба и реконструкција на зданијата кои гравитираат околу плоштадот „Македонија“. „Со извршената ревизија на финансиските извештаи за 2014 година, заедно со ревизија на усогласеност, констатиравме дека Програмата за реконструкција и доградба на објекти во Централното градско подрачје на Град Скопје, не содржи пресметковна вредност на објектите и рокови за реализација на истата“, се вели во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор.
Со усвоената програма на Градот Скопје веќе се променија фасадите на десетина објекти на улиците „Македонија“, „Димитрије Чуповски“ и „Никола Вапцаров“, а уште десетици чекаат на ред во склоп на проектот за менување на ликот на градот во согласност со преферираниот стил на „Скопје 2014“. Меѓу позначајните, со градежните зафати е уништен надворешниот лик на објектот „Сити галери“ и објектите долж улиците „Никола Вапцаров“ и „Димитрије Чуповски“. Државните ревизори откриле дека основната програма, заедно со измените од мај 2013, јули 2013 и јануари 2014 година, не содржи ставка за тоа колку средства ќе се потрошат за „барокизација“ на објектите, ниту пак укажува на динамиката на реализација на истата.
Со текот на времето, градските власти вршеле промена во видот и бројот на објектите кои ќе бидат предмет на реконструкција. „Донесувањето на Програма без утврдување на финансиските средства потребни за реализација на истата и без утврдени рокови и динамика на реализација, создава можност за нетранспарентно трошење на средствата“, посочуваат од Државниот завод за ревизија. За промената на надворешниот лик на објектите на Град Скопје во периодот од 2012 до 2014 година се префрлени 450.000.000 денари од страна на македонската влада со намена „за фасади на објекти во Централното градско подрачје на Градот“.
Како последица на сите овие утврдени неправилности, ревизорите му наложиле на Град Скопје да ја утврдат пресметковната вредност за реконструкција и доградба на објектите, како и да утврдат рокови и динамика за спроведување на проектот за „барокизација“ на постарите згради во центарот на Скопје. Градските власти во иднина планираат да склучат договор со Министерството за култура за дефинирање на меѓусебните односи при реализацијата на оваа програма. Промената на надворешниот лик на вредните архитектонски дела се врши со средства во висина од 50% обезбедени од буџетот на Град Скопје, додека останатата половина доаѓа од капитални трансфери од државниот буџет.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk